Monday, June 27, 2011

За протестите


Она што се случуваше со протестите заради смртта на Мартин Нешковски покажа многу доблести на дел од македонските граѓани, особено младите, но и поттикна многу размислувања. Со сета почит кон протестот во кој учествував со полно срце, сепак морам да поставам и неколку прашања, не за да го критикувам, но за да се учи и добрите работи кои се случија, и од грешките ако некој сака како такви да ги прифати. Она што мене ме радуваше беше упорноста, бројноста, дваесетина дена да се излегува на протест. Сочувството и желбата да настанат промени, будноста и активноста по социјалните мрежи, свеста за околината и свеста дека ако по многу други прашања се разидуваме, ова не обединува. Се протестираше против полициската бруталност и зголемена контрола врз полицијата во Македонија. Се повикуваше на правда и расчистување на случајот, и соодветни мерки против злосторникот. Но еве да дојдеме до местото и на злосторот и на злосторникот. Вакви протести во суштина треба да го покажат белото во целата ситуација ако убиството беше црното. Да, повикување на одговорност, но и нудење алтернатива. Ми се допадна повикувањето на правда, одговорност, промена, но воопшто не ми се допадна повикувањето на доживотни казни, погрдни зборови и имитации на убиството со црни ќеси на глава. Јас сум свесна за болката, но ако сакам да понудам алтернативен пристап, ако сакам да ги избегнам навредливите зборови, нагласувањето на крвничко, свирепо, грозоморно кои се зборови што само имаат мултипликативен ефект да разгорат поголема омраза, не значи дека не ја чувствувам болката. Ако сме инспирирани за отпор преку ненасилство, тоа се прави до крај! А зборовите, грозни и погрдни се насилство сами по себе! Од овде почнува развојот и на физичкото насилство. Премногу барам? За да настанат темелни промени, се оди до крај во некои работи. Не може да протестираме против бруталност а да сме брутални ние самите, на било кој начин. Не може да бараме правда ако ние неправедно трчаме да ја досудиме казната. Зар ние сега треба да се наситуваме на страдањето на убиецот? Не го оправдувам, но повеќето од луѓето кои излегоа на протест сигурна сум дека се сретнале и со Достоевски во својот живот и со неговите ликови за да сфатат кој микрокосмос се таквите луѓе. Или одеднаш ние станавме толку праведни да однесеме некој на гилотина? И Мартин Лутер Кинг и Ганди кои исто така сум сигурна на многумина им беа во мислите во текот на овие протести повикувајќи на ненасилство, заборавија дека тие луѓе одеа до крај. Во Македонија, и во било кое друго општество ќе настануваат мали но значајни промени тогаш кога некој ќе биде спремен да оди до крај со истрајност и со цврсти чекори. Ако бевме ненасилни, не се тепавме, не фрлавме отпадоци, незнам зошто би било претешко да ги оставиме настрана и судовите. Ние имаме право да судиме до таму до каде препознаваме дека е нешто неправедно, недолично и треба да поднесе санкција со цел ПОПРАВАЊЕ! Јас сакам да го видам Игор Спасов ресоцијализиран и таков кој зборува за покајување и опростување затоа што за него буквлано нема друг излез. А и за секој еден од нас! Затоа, ваквите настани се за освестување на институциите, политичарите, но и на поединците кои сакаат да видат промена. Не е фраза дека мораш да си промената која сакаш да ја видиш. Тоа е всушност единствениот начин! На крај, да живее оваа инцијатива и протест, и да се подобрува затоа што го има потенцијалот за тоа! 

No comments:

Post a Comment