Wednesday, June 6, 2012

Дом на Балкан


Искуствата се редат додека времето полека се предомислува во секоја минута дали да не опсипе со поројни дождови или да ни пушти уште неколку зраци пред зајдисонце. Но најубави се зраците на човековот разбирање што се повеќе согледувам е отвореното срце за да се исслуша човек со човека и да му се даде признание на она што го промислува и забележува, и кај себе и кај другите. А кога човек е соочен со странец, оној од другата култура, непознат и познат во човечното на моменти но и во нечовечното; многу лесно согледува и разбира и за себе и за другиот. На крај, најмногу за себе. И ми изгледа дека Бог ни дал допир со другото за себе да се дознаеме, а познавајќи се подобро себе, го запознаваме и Него. Интересна патека на мислата и душата.

Деновиве си потврдувам многу пати дека сум среќна што сум родена на Балканот, на вакво динамично и богато подрачје каде ако човек малку се оддели од секојдневието и реши да го отвори срцето, ќе искуси изобилство. Навистина, само изобилство е зборот кој го доловува она што го искусувам а уште поубаво е чувството дека изобилството те чека и дома, затоа што ова е мојот дом.

За да го доловам делот од изобилството, вреди да го исцртам со зборови патот кон два прекрасни манастири во Србија, Студеница и Жица. Манастирските сцени сега се обидов да ги доживеам преку нашите гости и си замислував како ли се чувствуваат да гледаат таква недопрена убавина за прв пат, која мене ми е достапна речиси секој ден. Разбирам уште повеќе колку навистина се е процес. Живоста на местово раздвижена е од неколкумина монаси со слабикави нозе, долги коси врзани во опавче и долги бради. Секој се движи со по некоја кофа или мотика во рака, гледа во тревата, и одвај го поткрева погледот малку повисоко од својата половина. Како да не се запрашам што се случува таму во конаците кога се сами пред Бога? Веднаш пред себе ја насликувам сцената каде неколку дена го вкусуваат изобилието на водата и молитвата, разурнувано од време на време од похотта на телото и слабоста човечка. А сепак, слика и прилика: живо битие, потонато во вечноста, во нејзиното предворието.

Зар на вакви луѓе наеднаш да им објасниме дека Исус и Бог се пријатели на човекот, татко, Син, Брат? Што попрво? Кој е кој? Судијата милостив?! Каква е таа контрадикција! Тивко си се провлекувам со мислите во црквата во Студеница каде еден млад човек со глас кој добро го познавам, ми вели дека и јас ако сакам можам на гостите да им објаснам нешто за црквата ако знам. Го познавам тој глас, сум го слушнала. Тоа е гласот на постот. Глас кој се поткрева и извикува од внатре со благост и топлина,  а излегува тенок, слаб и толку милозвучен. Младичот ни објаснува за големи настани, големи погреби слави, крунисувања, а сепак скромно да не случајно ја разруши со гламур и нечија слава Бојата тишина. Човек само близу во пазувите на Бог може така да зборува. И после се, тој нам, да, тој нам прв ни се заблагодарува. А јас пак си се прашувам за што? Тој се заблагодарува за нашето слушање.

Не идеализирам, раскажувам. Ако некој нешто друго доживеал, нека пишува. Јас трчам да позборувам со чичкото кој ги исплаши нашите гости затоа што беше возбуден да ни каже дека само на еден час и петнаесет минути одење по едно мало планинско патче ,се стигнува до едно изворче и мала црква, местото каде Св. Сава решил да се замонаши. Се гледа од планината недопрена зелена шума испречена како некој блок од дрвја пред нас разиграна единствено од сенките на останатите дрвја. Јас, татко ми, брат ми кучето вака некако ги минувавме неделните денови, трагајќи по планините и радувајќи и се на природата и на духот човеки да се впрегне и да ја истражува. Се додека не започнав редовно да одам на неделни богослужби. Но јас и тогаш сум била на богслужба, сега се сеќавам. И тогаш запознавав бабички по пат, и кученца, и дрвца и ме воодушевуваа да си речам: Ах, кој ли прекрасен Бог сето ова го создава? Кој ли вака убаво ги спријателил луѓето и природата? Тој мора да е секаде, некаде, наоколу а и во мене?!

Мене одговорите полека ми се редеа со текот нагодините и прашањата, но и на моите гости додека го преведував јазикот на манастирот на нивниот, англискиот. Тие беа воодушевени, се смешкаа и некој од нив ми кажа- “Ова е толку убаво, што не знам што да правам со него!” Паметете ја репликата. Да знаеме дека човекот убавото го доживува и дожувувањето е доживување а потиснувањето е потиснување. Се упатуваме кон следниот манастир, Жица, женски манастир на пет километри од Краљево, Србија. И чиниш женственоста од далеку се препознава. Наеднаш некаква повторна убавина како Студеница, ама сега уште понежна, мила и кревка како и благите облини на црковните куполи, обоени во црвено, рефлектирајќи го сонцето, но и зачудувачки, розеникавата и зеленикава боја на тревата.

Притрча една мала тетка да ни каже дека таа сеуште има друга тура на странци, Германци за кои со смешкање ни кажува дека се многу љубопитни па ќе мора да се погрижи за нив. После неколку дена, ова ми беше како да видов мила мајка. Женче во шарен џемпер, во нејзините седумдесети, побелена коса, а така убаво средена во две шарени шноли и со две различни по боја обетки која комбинација не ја разбирав, а и се воодушевував како сепак толку прекрасно изгледа; сето тоа заедно со синиот креон околу бледо синикавите очи. Додека уште се отпоздравуваше со другите гости, нам ни пушти краток видео вовед за манастирот во Жица, а потоа уште со поголем интерес ни раскажуваше.

Мила, така се вика. Мила со динамичност ни раскажа за тоа дека Жица е манастирот на крунисувањето и на Српската држава, и на Српската црква во многу тешки периоди кога Србија се наоѓа под огромно влијание на Римската Католичка Црква и Византија. Таа толку внимателно сакаше да им кажам на гостите дека за Стефан Њемања тогаш било многу тешко да носи одлуки и морал да биде дипломат и да комуницира и со двете престолнини. Кога нашиот професор Пирс тоа им го дообјасни на студентите, Мила воскликна. Нејзе и значеше премногу разбирањето дека условите на овие простори понекогаш биле толку тешки, и одлуките се толкуваат како некаков позадински интерес, а всушности тие се одлуки донесени од немај каде. Детално ни објаснуваше за Стефан Њемања и неговите синови, како сите освен Цар Душан станале монаси, а Св. Сава одлучил да стане монах кога имал 17 години. Ни обајасни и за Козмо и Дамјан, докторите кои уште во 13 век имале разбирање од хирургија и лекувале по Божја благодат бесплатно.

Кога гостите се распространија да го разгледаат дворот на манастирот, не можев а да не поразговарам со Мила и да ја запознаам подобро. Таа е поранешна професорка по право и политичка Економија од Белград, веќе 15 години пензионирана. Откако се пензионирала решила да научи Византиско писмо и да подучува Византиско пеење во манастирот, па така таа има научено околу педесетина монахињи во манастирот на црковно Византиско пеење. Таа е пресреќна за монахињитие која со полна радост ги фалеше дека се образовани,  дипломирале и магистрирале медицина, уметност, право, економија. Мене само како мало сценарио сега ми се враќа вест која ја слушнав на вести за една девојка која решила да се замонаши а јас мислев дека е тоа нешто страшно. Колку само тоа било прекрасно! Две од монахињите во Жица се докторки и тие им помагале на многу стари жени, ги кревале на носилки и лечеле во една мала собичка во манастирот. Какво човкољубие! Кога само не би заборавале така лесно дека Бог сака да сме човекољупци! Замислете само за момент изнемоштено тело на некоја старичка, како го креваат монахињи и топло се грижат за неа. Замислете ја само насмевката на таа жена и животот макар нов за на кратко да ги гушне своите мили внуци.

Мила се растрча да се јави дури до патријаршијата кога и раскажав за Балканскиот Институт за Вера и Култура и дека нам би ни било драго да имаме контакти од место како Жица каде има Византиско пеење. За момент отидов во продавницата за сувенири а таа веќе се загрижи, плашејќи се да не сум веќе отидена. Таа ми заблагодаруваше и мене и сите што сме имале интерес да посетиме вакво место. А јас во моментите кога вакви луѓе ми се заблагодаруваат, сакам земјата да ме голтне затоа што јас сум онаа што треба на колена да паѓа од благодарност! Мила ме испрати со таква понизност и ми испрати бакнеж. Не можеше денот да биде поубав после ова. Сето ова го раскажувам додека Американките пред мене јадат колачи пред другите, зборуваат на цел глас колку се вкусни, и не се завртуваат ни за момент околу себе. Но ете. Се се учи се надевам. Па и добрината и свесноста.

Како заклучок на ова мое излагање за луѓе чии имиња вреди да се запишат и чии погледи и добрина вреди да се запаметат, доаѓам до оној дел кој мене ми е потребен да го ставам во ум и срце. Патувањето ми ги исцртува некои од добрите и лошите страни и на нашите и на другите. Текстов се изроди по разговор со еден од патниците, од другите, оној кој очигледно бил отворен да осознава за да дојде да ме праша, а со своите прашања и мене да ме израдува потсети и освести. Ете, некој го разбира она што јас така со стегната душа мислам дека треба да им го покажам. И се трудам и мачам, и ме боли, но свесноста кај луѓето како да заборавив дека е  најтешкаа работа за будење.  Повикот и примерот е лесен да се направи, но тешко да се пронајде. И како што утринава си помислив; секому му е дадено да ги препознава калкулативните и неискрени луѓе. Секому исто така му е даден и изборот да одлучи да биде како нив во тој момент, или да биде борец за искреноста и навидум наивноста.  А ако вториов пат се следи, тогаш трпението останува.
Некому порано или подоцна повторно ќе му дојде шансата.

Др. Волси ме прашуваше како се чувствувам кога влегувам во Православен храм. Ах, како со нетрпение да го очекував ова прашање! Да, веќе од поодамна не само што ме привлекува но се воодушевувам на неистраженоста и на богатството кое раната црква а со некаков континуитет и Православната црква носи со себе на просторите на кои сум се родила. Аверзијата која ја имав од непознатото во овие цркви, денес ме тера да го запознаам. Жал ми е за деновите поминати во милиони прашања а никави одговори за она што го верувам. Но жал ми е и за оние кои доаѓаат сега кога сум малку посвесна и поразумна можам да се обидам да ги разберам а јас ги одминам. Едноставно, тешко можам да преминам под нападите од американциве за неефикасноста на нашите огромни храмови, кога зборувајќи за ефикасност добро е да го видиме едноставниот однос кој го имаме кон храната. Ретко кој на овие простори се расфрла со купување храна која не ја јаде, или туку така ја фрла. Зар ефикасноста е на американците со преполнетите фрижидери, прејадувањето и постојаното јадење, и вадењето чоколади и грицки од ташните во било која прилика кои патем не се споделуваат со никој? Или за фунционалноста на местата за молитва како кутии и згради кои немаат потреба од никаква креативност!

Преку разговорот едноставно заклучивме дека има убавина и во двете. Но тврдењето во целосната исправност на едниот пристап е прилично смешна. Колку и да ме иритираат игнорантните коментари, целосната нечувствутелност на различноста и недостатокот од обид да се разбере и  адаптира морат да одлегнат под моето трпение, затоа што веројатно и јас за некој друг сум истата.

Бог нека ни дава сила да учиме и да разбереме колку прекрасно не создал но и колку слобода ни дал. 

No comments:

Post a Comment