Wednesday, February 15, 2012

Наука и живот


Се изначитав за мерење на квалитет на демократии. Се изназборував и со колеги и со професори дека политичките науки треба да имаат реален придонес а не само да трупаат академски трудови по академски списанија кои ќе ги отвораат само оние од истата дисциплина! Предизвикувачки се нормативните дебати и филозофии, но нема поголем предизвик од конекцијата помеѓу фините принципи и заложби со богатото секојдневие. Имам привилегија (барем јас така мислам) да ми предаваат професори од чии книги по цел свет се учи за демократија, за режими, за промени, за политички системи. И тие откако изживеале по педесетина научни години истото го тврдат. Науката треба да допринесува за науката, но истата треба да допринесува за човештвото- а човештвото не е толку апстрактно како грандиозноста кога ќе биде изговорено. А грандиозно е затоа што е во секој човек, заради тоа, да. Читајќи ги интевјуата на истите тие професори можам само да заклучам дека некаде попат повеќето од нив заборавиле на страста која како 18- годишни ги повлекла да студираат одреден предмет, наука. Тоа си ветив дека нема да ми се случи уште додека бев многу мала, и си го повторував. И колку повеќе учам, колку повеќе методолошки, интелектуални, научни “пречки” ми поставуваат, толку повеќе се уверувам дека без љубовта и страста кон науката, професијата и најпосле а најважно, реланоста во која јас сум се нашла да постојам, остануваат само бледи записи и суви дела. Не само за мене, за секој во каква и да било научна дисциплина се пронаоѓа, работи, твори- не заборавајте на човечноста. Заборавете на толеранција, емпатија, соживот и други популарни пораки ако немаат одблесок во точка каде и срцето и реалноста се спојуваат со поривот да бидеме луѓе кон луѓе, со кој порив сме создадени. Пејте, цртајте, креирајте, проектирајте, експериментирајте, печете, сецкајте, трчајте, грижете се, пишувајте, фотографирајте, и земете длабок здив за да ве потсети дека сте живи, и за себе и за другите, и дека здивот продолжува и е прескапоцен за да се задржува во досада, очај, трка по моќ кариера, самодокажување. Поставете прашање, и барајте одговор. Ако ова и порано сум го зборувала, сега додека се печам на емпирискиот оган и на научното докажување, со поголема увереност го тврдам: науката е прекрасна но животот е жив! Погледнете ја сликава и сетете се: ова дете се описменува на студен бетон, со црева кои кркорат од глад, но со ум кој гладува уште повеќе да осознае, да живее да праша и да даде одговор, да се даде себе и на потрагата, и на радоста и на тагата – но да не престане! Помислете која ваша реченица би била наградата, поуката за трудот на ова дете откако ќе се описмени и ќе ја прочита!  

No comments:

Post a Comment