Thursday, July 7, 2011

С(ил)уетата на љубовта


Ти велам јас, времињата кои доаѓаат се чудни, испревртени на начин на кој и да сакаш да ги вратиш нештата во нормала не знаеш која е таа. Јас не знам како стигнавме до тоа да се убедуваме во наједонставните нешта и да ни се скрати меморијата толку многу што како да прв пат ги слушаме сто пати повторените работи. Денес истото се случи. Јас незнам како може луѓето така да генерализираат? Ете, можеа неколку часа да зборуваат за бојата на кожата и чудниот менталитет на своите сограѓани притоа сметајќи се себе си за носители на една совршена љубов која не знае за таквите бои затоа што љубовта е најтрансцедентното нешто кое постои на овој свет. Постои без дефиниција но со свои карактеристики. Така, ако водата е проѕирна и течна, љубовта е трансцедентна- се надминува, на се се надева. Незнам дали да кажам дека љубовта е и наивна затоа што чинам многупати во тоа успевам да поверувам заради себе и своите постапки. Но можеби јас сум многу понаивна од неа, или можеби едноставно јас сум наивната но не и таа. Таа ме води да љубам а јас пак ја водам по патот до суетата и притоа ја обезличувам. Тогаш таа не е вистинската, ги губи своите својства и се претвора во друг облик на чувство кое заборава на  почетокот. Во тој миг се станува фарса и јас и ти, и сите ние суетници немаме ни трошка оставштина од вистинската љубов, но себе воспевање и мамење на се околу нас.